EN MK
AUSTRALIAN MACEDONIAN E-MAGAZINE

МАКЕДОНИЈА

Ексклузивно интервју Стојан Тренчевски: Мајка Тереза и Тоше имаа безмерна љубов спрема луѓето

19 January, 23:00
Ексклузивно интервју Стојан Тренчевски: Мајка Тереза и Тоше имаа безмерна љубов спрема луѓето

Разговорот го водеше Валентина Георгиевска- Парго

Господин Стојан, неодамна издадовте шест мултимедијални цедиња, на кое е сместено целото ваше професионално богатство- радио репортажи, разговори, снимки, документарни филмови. Тоа е на некој начин, крунисување на целиот ваш работен век.  Колку време ја реализиравте оваа прекрасна идеја, познајвајќи пак колку е богат и обемен вашиот творечки опус? 

- Сите во животот работиме и сакаме нешто да оставиме. Од многуте филмови, радио репортажи, разговори, интервјуа се обидов се она што е обележје на едно време, на одредени личности да останат завек и навек. Посебно ми се драги филмовите за Мајка Тереза, многуте интервјуа и патувањата низ светот забележани како репортажи на времето. Сево ова го работев со многу љубов за моите 40 лета посветени на мојата новинарска професија.

 

На промоцијата, на петти септември, на денот на упокојувањето на МајкаТереза, направена во Спомен куќата на Мајка Тереза за Вас говореа неколку верни соработници- професорот Љупчо Ајдински, католичкиот бискуп во Скопје и директорката на музејот, Рената Кутериќ. Очигледна беше возбудата која ве обзеде. Како од ваша гледна точка го опишувате тој момент?

- Ако некогаш во животот сум бил и среќен и возбуден тоа било на 5ти септември, денот кој е поврзан со упокојувањето на Мајка Тереза, но и со големата чест што ми беше направена. Во чест на незаборавните приказни што за мене ги искажаа професорот Ајдински, католичкиот бискуп во Скопје и директорката на музејот Рената бев многу возбуден, а можете да претпоставите како се чуствуваше мојата душа и моето срце. Во домот на Мајка Тереза говоревме за неа и за моите дела.

 Какви материјали содржат тие цедиња? 

- Она што сум го работел тогаш кога најмногу можев, најмногу знаев, кога сето тоа го доживував и преживував, кога нешто се случување, а јас му се радував, го овековечив во 4 видео ЦД-ња и 2 аудио записи. Тие го содржат мојот опус кој е создаван во едно време за да трае навек. Би сакал доброто да се памети, а јас верувам дека сите овие документи што сум ги создавал ќе траат и тогаш кога други ќе читаат, ќе гледаат, ќе слушаат, бидејќи овековечени се Мајка Тереза, независноста на Македонија и многу великани за кои светот никогаш нема да заборави, а јас се гордеам со тоа.

 

Кој најмногу ви помогна во објавување на овој грандиозен мултимедијален пакет, кој го оставате зад себе како вреден архивски материјал?

- Најбитно и најзначајно е што со мене и зад мене беше мојата матична куќа Македонска Радио Телевизија, Македонското Радио и големата помош пружена од Министерството за Култура кои оценија дека овие вредности имаат немерлива трајност и затоа треба да ги има вечноста, сите институции и авторитетите кои се занимаваат со истражувањето и сите немерливи вредности.

 

 Често пати  ве прашуваат, но еве ќе го повториме прашањето. Како еден од многу ретките, ако не и единствен новинар кој ги познаваше и соработуваше со Мајка Тереза и Тоше Проески, што Вие би кажале- што е она најглавното што ги поврзува овие два историски ликови?

- Неслучајно Господ сакаше во вечноста да бидат Мајка Тереза и Тоше Проески. Двајцата ги сакаа луѓето. Имаа љубов спрема сите. На сите им подаруваа без ограничување и мерка. Живееа во различни времиња, но имаа иста цел – да луѓето бидат исполенти, радосни и среќни. И токму затоа се радував што бев со нив и покрај нив исто како што во светилиштето на Мајка Тереза во Скопје се овековечени песните за Мајка Тереза и Тоше Проески посветени од големиот македонски великан Гане Тодоровски кој за нивниот живот има кажано дека тие секогаш ќе живеат и ќе бидат вечни. Се што направив за нив е посветено со многу љубов бидејќи таа љубов и Мајка Тереза и Тоше Проески ја заслужија со својата блаженост, а верувам и некогаш Господова светост.

Митот и значењето на Мајка Тереза во Македонија сега се актуелизира, и името на оваа историска жена е ставена на неколку институции.Вие бевте првиот новинар кој и го пренесе ликот и делото на Блажената на македонската нација. Колку ве прави тоа горд и среќен, што ете, ја имавте таа среќа и чест новинарската работа со светицата да даде печат на целата ваша кариера ?

- Знам дека сега и Скопје и Македонија и светот знаат каде е родена Мајка Тереза, каде ги поминала најубавите години и од каде заминала за да му служи на светот и човештвото. Тоа чувство секогаш ме исполнувало бидејќи каде и да беше Гонџа Бојаџиу се гордееше што е македонка, што е скопјанка и од тука потекнува. Ако се роди во овој град, во оваа библиска земја, моја мала обврска беше, но и среќа да го откријам нејзиниот лик, да пишувам, да творам, да говорам и да се радувам на нејзините средби во Скопје бидејќи таа го пронесе гласот за нашата земја. Не беше лесно да се чекори по нејзиниот пат, но беше големо достоинство тогаш кога никој не зборуваше да се создава за блажената Мајка Тереза. Ако нешто сум направил тоа ме исполнува, но јас многу повеќе сум добил од неа и за неа и се гордеам што бев во над 80 земји и секаде говорев – патувам и одам од родниот град на Мајка Тереза. Улиците и објектите во Скопје и спомен куќата се моја најголема радост што секогаш и за сите времиња и кај сите ќе живее и трае Мајка Тереза.

 

 Вашата здравствена состојба, која за среќа се подобрува, неодамна беше нарушена. Но, со помош на семејството  и особено Вашата сопруга, се враќата во нормала. Ни болеста не ве оддалечи од следење на митот за Мајка Тереза. Неодамна дававте изјава за првиот долгометражен докуметрарен филм што се снима за Мајка Тереза. Потсетувањето на вашите средби со Блажената, ве трогнаа, ве расплакаа на снимањето. Се пробудија безброј емоции, сеќавања... Раскажете ни за тоа.

- Секое сведоштво ги буди чуствата во мојата душа. Се радувам на се што ќе се каже, напише, сними и создаде за блажената Мајка Тереза. Моето семејство, сопругата Слободанка, ќерките Олгица и Магдалена се богатство со кое се гордеам, меѓутоа и среќа која ме прави истраен и тогаш кога болката ме притиска, а носталгијата и емоцијата исполнуваат. На нив за се и секогаш сум им благодарен, се гордеам со сите нив, а на пријателите што доаѓаат од светот да го овековечат ликот на Мајка Тереза и по толку времиња и години ме прават носталгичен, но радосен како што е мојот живот и семејството за кое живеам.

 

Вашите ќерки не тргнаа по вашиот пат- повозрасната Олгица е најмлад доктор на природни науки – аналитичка биохемија и истражувач на факултетот во Аризона, САД, а, Магдалена е во Скопје, магистер по информатички технологии- софтверско инжињерство и работи како програмер во Фонд за здравствено осигурување на Македонија. Ги советувавте да не се одлучат за новинарска професија, знаејќи колку е макотрпна, или самите си го одбраа својот пат?

- Во животот го работев она што најмногу го сакам и за кое верував дека ке успеам. Тоа го посакував и од моите чеда – двете ќерки. Сами се определија, но ми ја исполнија душата што го постигнаа максимумот во својата професија. Јас и нивната мајка Слободанка останува да се радуваме, да ги слушаме и гледаме нивните успеси, да го чекаме подмладокот бидејќи животот никој не знаеме каде води, што носи, но дај да бидеме среќни. Јас можеби сум со кревко здравје, но на мојата фамилија сум вечно благодарен.

Преку 80 поминати земји, безброј официјални средби со високи претставници, многу патешествија, доживувања, случки. Кога би можеле сето свое искуство да го сублимирате во една реченица, која би била главната порака, главниот совет што би го кажале:

-Секогаш кога го поставувам прашањето дали можев нешто да направам и повеќе создадам се потсеќам на зборовите на Мајка Тереза “Не е важно – прави добро”. Се трудев сето тоа да го оживотворувам.

 

извор: Шило

Коментари [0]

Додади коментар


Безбедносен Код:
 Security Image  Освежи

Коментар


banner
banner
Размена
Цена
Измени
GBP 
69.405
0.3964
USD 
53.9269
0.0277
AUD 
39.1151
0.0095
JPY 
0.4774
0.0009
EUR 
61.4928
-0.0008
CHF 
54.1739
-0.0485
banner
banner
banner
banner
banner
banner